Македонија немоќна против Германија

Нерамноправни од почетокот до крајот, македонските ракометари го претрпеа и вториот висок пораз едноподруго на Европското првенство во Германија, овојпат од домаќинот со 34:25, откако на стартот беа декласирани од Франција со 39:29, па и на четвртото големо натпреварување во низа останаа без пласман во втората фаза.



Со 20 загубени топки избраниците на селекторот Кирил Лазаров повеќе и не можеа против лидерот во групата А, па последната можност да не се вратат дома со наведнати глави ќе биде дуелот во вторник против Швајцарија, која пријатно изненади со ремито 26:26 против олимпискиот шампион Франција.

Десното крило Ненад Костески со 6 гола од 7 удари беше една од ретките светли точки во македонскиот тим, заедно со пивотменот Жарко Пешевски со 4/4.

Германците, практично, не се ни испотија пред дербито со Французите, а за лесната и убедлива победа не им попречија ни само седумте голмански одбрани вкупно, колку што запишаа и македонските чувари на мрежата.