Мантрата на власта при секое поскапување на горивата во Македонија дека, и покрај тоа, цените се најниски во регионот, не соодветствува со реалноста, барем во однос на бензинот, кој е поевтин во Босна и Херцеговина и во Унгарија.
Ако еден литар бензин во Македонија чини 1,36 евра, во БиХ цената е 1,3 евра, а во Унгарија 1,22, покажува споредбената анализа на српски „Курир“.
Најскап бензин во регионот плаќаат возачите во Грција, каде што еден литар се продава за 1,94 евра, следува Албанија со 1,62, а трета е Хрватска со 1,57. Во Црна Гора тој чини 1,54 евра, во Романија 1,5, во Србија 1,45, а во Бугарија 1,39.
Македонија и Унгарија го делат последното место во регионот според цената на дизелот од 1,22 евра по литар. Во Грција тој чини 1,68 евра, во Албанија 1,61, во Хрватска 1,54, во Србија 1,52, во Романија 1,48, во Словенија 1,47, во Црна Гора 1,43, во Бугарија 1,37 и во БиХ 1,29.
Македонија има најевтин автогас во регионот со цена од 0,71 евра по литар. Најскап е во Хрватска, каде што се продава за 0,87 евра по литар, втора е Словенија со 0,86, трета Унгарија со 0,84, а по нив следуваат Србија со 0,81, БиХ со 0,78, Романија со 0,77, Албанија со 0,76 и во Црна Гора и Бугарија по 0,75.






