Македонија не смее да извезува свинско месо во Албанија

Во Албанија може да се увезува свинско месо од Македонија само доколку со сертификати се докаже дека производите не се заразени со африканска чума. Властите известија дека Албанија престана да увезува свињи и свинско месо од земјава откако кај дел од овие животни е откриена болеста африканска чума, јави албанската телевизија Ора њуз.



Од македонската Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во петокот соопштија дека африканската чума последно е регистрирана во одгледувалиште на свињи во кумановското село Тромеѓа, каде што угинале 60 свињи.

Еден ден подоцна, жители на кумановското село Речица со блокади и протести се противеа на одлуката угинатите свињи од фармата во Тромеѓа да се закопаат во близина на нивното село, а во судирот со полицијата беа приведени четири лица. Од АХВ, пак, соопштија дека немаат сознанија зошто се бунат жителите на Речица, бидејќи закопувањето на угинатите свињи се врши на локација во селото Режановце, по одлука на локалните власти.