Бугарскиот истричар Кирил Топалов, член на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, смета дека Македонија не сака да стане дел од Европската унија бидејќи не е независна држава, а и да сака, Србија нема да го довзоли тоа?!
„Република Северна Македонија не сака да влезе во ЕУ. Дури и да сака, Србија нема да ја пушти. Тие, едноставно, го користат нашето вето како алиби. Зошто РСМ не е самостојна држава, туку тоталитарна филијала на бивша Југославија“, изјави тој за бугарската ТВ Нова.
Според поранешниот амбасадор на Бугарија во Атина и во Ватикан, Македонците се сигурни дека ЕУ ќе ја принуди Бугарија да ги пушти и токму поради тоа немале никаква желба да направат чекор кон нив.
„Колку повеќе сме подготвени ние за да направиме некаков гест, толку повеќе тие ја зацврстуваат својата позиција“, категоричен е Топалов.
Тој оценува дека Русија ќе профитира независно од тоа дали Македонија ќе биде примена во ЕУ или не.
„Ако не влезе, тоа ќе значи дека меѓу Бугарија и Европа стои еден цврст ѕид, кој работи за Русија. Ако, пак, влезе, Русија ќе го има својот најмоќен тројански коњ во ЕУ, бидејќи РСМ не е независна држава. Со неа владее Србија. Многупати сум кажал дека кога разговараме со Скопје, всушност разговараме со Белград“, додава бившиот директор на Народната библиотека во Софија.
Тој нагласува дека во преговорите со Скопје нема никаков напредок, и тоа не по нивна вина.
„Да сум политичар, би рекол дека се безобразни“, заклучува Топалов.






