Македонија не е меѓу петте приоритети на бугарската Влада до крајот на годинава

Наспроти преокупираноста на Македонија со уставните измени за впишување и на Бугарите во највисокиот законодавен акт заради вистински почеток на преговорите за членство во Европската унија, бугарската Влада го нема источниот сосед меѓу своите пет приоритети до крајот на годинава.



На својата вчерашна седница Владата во Софија усвои програма за својата работа до 24 декември, со пет главни приоритети, меѓу кои на врвот се пристапување во Шенген зоната до крајот на 2023 година и приклучување кон еврозоната од 1 јануари 2025 година.

Трет приоритет е контролата на инфлацијата, четврти е спроведување на реформите и на проектите од Националниот план за закрепнување и отпорност, а петти е подобрување на ефикасноста и на транспарентноста на управувањето со општинските проекти.

Програмата е резултат на договорот меѓу двете коалиции кои гласаа за заедничка влада на 6 јуни, ГЕРБ-СДС и Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија.