Македонија нарачала хаубици од Турција, првите шест се очекуваат за две години

Армијата на Република Македонија (АРМ) нарачала од Турција три батерии со вкупно 18 хаубици „Боран“, со калибар од 105 милиметри, а договорот предвидува првата пратка од шест хаубици да пристигне за две години, пишува порталот „Балканска безбедносна мрежа“.



Преостанатите две батерии од по шест хаубици ќе бидат испорачани меѓу 2029 и 2031 година како дел од големиот замав на модернизација, се додава во написот.

„Преку американската и германската воена помош армијата се префрла на нови борбени системи од техниката што во добар дел е наследство од Студената војна набавена од Украина во 2001 година. Во артилеријата тоа ќе бидат хаубиците ‘Боран’, за пешадијата ќе се набават американските борбени возила ‘Страјкер’ и ЈЛТВ, за противвоздушната одбрана францускиот ракетен систем ‘Мистрал 3’“, се вели во текстот.

Според производителот, хаубиците „Боран“ имаат дострел од 17 километри, шест повеќе од М2А1, кои Македонија ги доби како донација од САД пред четврт век. Брзината на гаѓање на турските хаубици е до шест проектили во минута.