Британското издание на „Јаху фајненс“ пишува дека Македонија е најприфатливата опција за Британците што сакаат да се преселат во друга европска земја, повикувајќи се на анализата на „Оушн фајненс“.



„Северна Македонија е најевтината земја во цела Европа за Британците да се преселат во неа, сугерира истражувањето.

Врз основа на 11 „типични трошоци“, анализата на „Оушн фајненс“ покажа дека Република Северна Македонија е најприфатлива земја на целиот континент, со просечни животни трошоци од само 8.484 фунти годишно.

Анализираните трошоци вклучуваат станарина, комунални услуги, Интернет, намирници, транспорт, членство во теретана, шолја кафе, деловен ручек, кригла пиво, оброк во паб и вечерно излегување.

Британците, чии животни трошоци достигнуваат огромни 30.276 фунти годишно, би можеле да заштедат неверојатни 21.792 фунти годишно со преселување во земјата во југоисточна Европа – што значи повеќе пари за патувања, за разгледувања и за рекреативни активности.

Кригла пиво во земјата на Балканскиот Полуостров чини само 1,49 фунти, додека деловниот ручек доаѓа околу 5,85 фунти, а изнајмувањето на една година на стандарден стан со две спални соби чини 2.496 фунти, се вели во истражувањето.

Велика Британија е 50 проценти – огромни 10.059 фунти – поскапа од просечна европска земја, рангирајќи се на 41 место од 49 земји кога станува збор за достапноста.

Сепак, платите на Британците се исто така повисоки за 60 отсто или 21.712 фунти годишно по оданочувањето, споредено со европскиот просек од 13.602 фунти, покажува студијата.

Британците кои се селат треба да ја споредат својата плата со трошоците за живот. Меѓутоа, ако сè уште добиваат плата во британски фунти, тие би можеле да заштедат десетици илјади, сугерира истражувањето“.

Десетте најевтини земји во Европа за Британците според трошоците за живот на годишно ниво:

  1. Македонија (8.484 фунти)
  2. Молдавија (9.153)
  3. Азербејџан (9.373)
  4. Турција (9.411)
  5. Белорусија (9.429)
  6. Албанија (9.834)
  7. Украина (10.069)
  8. Казахстан (10.429)
  9. Босна и Херцеговина (10.498)
  10. Грузија (10.554).