Според најновиот глобален индекс на модерно ропство за 2018 година, кој го изработува австралиската организација „Вок фри фаундејшн“, Македонија се најде на неславното трето место меѓу 162 земји во светот.
Податоците покажуваат дека 8,7 на 1.000 луѓе во Македонија живеат во услови на современо ропство или во апсолутен износ околу 18.000 луѓе на вкупно 2,079 милиони жители.
Полошо од Македонија стојат само лидерот Туркменистан со индекс 11,2 и Белорусија со 10,9, а веднаш зад Македонија се Грција со 7,9 и Албанија со 6,9. Во првите десет се уште Турција со 6,5, Украина со 6,4, Хрватска со 6,0, Црна Гора со 5,9 и Литванија со 5,8.
Според апсолутниот број на модерни „робови“, прва е Русија со 794.000 (индекс 5,5), Турција со 509.000 (индекс 6,5) и Украина со 286.000 (индекс 6,4). На овие три земји отпаѓа повеќе од една третина од сите жртви во Европа и во Централна Азија.
На спротивната страна од листата се Данска, Шведска и Луксембург со коефициенти меѓу 1,5 и 1,6.
Под современо ропство се подразбира принудна работа, склучување брак со принуда, принудна работа заради враќање долг(ови) и присилна сексуална експлоатација.




