Климата на омраза против новинарите што се развива особено во Европа и во СА ѝ се заканува на демократијата, алармира невладината организација „Репортери без граници“ во својот годишен извештај.
На првото место според слободата на печатот од 180 земји во светот е Норвешка, по која следува Шведска.
Македонија е на 109. место, пред Боливија и Бугарија во извештајот за 2018 година. Бугарија е најниско рангирана меѓу земјите на Европска унија и пониско во индексот од сите земји од Западен Балкан.
Од балканските земји најдобро позиционирана е Словенија, која е на 32. место, Хрватска на 69., Романија на 44., Грција на 74., Албанија 75., Србија на 76. и Косово на 78. место.
Омразата и нападите врз новинарите веќе не се привилегија само на авторитарните држави, се вели во извештајот.
Најголем пад на слободата на новинарството е забележан во дури четири европски држави.
Чешка, каде што претседателот Милош Земан се појави на прес-конференција со „калашников“ со натпис „за новинари“, падна 11 места и сега е 34.
Словачка, каде што поранешниот премиер Роберт Фицо за новинарите рече дека се „валкани антисловачки проститутки“ и „прости и глупави хиени“, падна од 10. на 27. место.
Малта, каде што беше убиен новинар што истражуваше корупција, падна за 18 места на 65. Србија падна 10 места на 77.
Русија е рангирана на 148., а Кина на 176. место.
И слободата на новинарството во САД падна за две позиции и е рангирана на 45. место, а претседателот Трамп смета дека новинарите се „непријатели на народот“, квалификација што му се припишува на Сталин, посочуваат од „Репортери без граници“.




