Воин Божинов, историчар од Бугарската академија на науките (БАН), вели дека никој во Македонија не крие оти се смета на притисок врз Бугарија за откажување од ветото за прием во Европската унија, при што особено активни во тој поглед се САД, објаснувајќи го тоа со намерата за блокада на Србија!
„Притисокот е од геополитички причини – се смета дека Србија треба да биде затворена од југ. Тоа беше сторено со приемот на РСМ во НАТО, а треба да биде потврдено и политички со нејзиниот прием и во ЕУ“, изјави членот на Институтот за историски истражувања при БАН за Бугарското национално радио (БНР).
Според него, бугарската дипломатија почнува да отстапува од утврдените позиции за Македонија.
„Информациите што можам да ги прочитам во некои медиуми покажуваат дека бугарската влада се подготвува да направи компромис. Познато е дека во моментов претседателот Румен Радев ја има целата моќ во земјата – преку неговата преодна влада. Факт е дека на форумот ‘Три мориња’ тој рече оти бугарската политика треба да биде во синергија со американските интереси на Балканот. Очигледно, давањето приоритет на американскиот интерес е дел од разбирањето на актуелната влада да се направат отстапки за побрз прием на PCM во ЕУ, што треба да го задоволи американскиот интерес“, смета експертот.






