По протерувањето дипломати и воената помош за Киев, Македонија одново ѝ се испречи на Русија, овој пат како една од седумте земји-потписнички на амандман на руската нацрт-резолуција против величањето на нацизмот, кој зборува за (зло)употреба на оваа тема за целите на „специјалната воена операција“ во Украина.



Москва поднесе нацрт-резолуција за борба против хероизацијата на нацизмот на разгледување пред Третиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации. За неа во Комитетот ќе се гласа во петок и, ако биде прифатена, Генералното собрание во декември треба да одлучи дали ќе ја одобри нацрт-резолуцијата.

Документот препорачува земјите да преземат соодветни конкретни мерки, „вклучително и во законодавната област и во областа на образованието, во согласност со нивните меѓународни обврски во областа на човековите права, со цел да се спречи ревизија на историјата и на резултатите од Втората светска војна и негирање на злосторствата против човештвото и воените злосторства извршени за време на војната“.

Авторите на документот остро ги осудуваат инцидентите поврзани со величањето и пропагирањето на нацизмот, особено примената на графити и цртежи со пронацистичка содржина, вклучително и врз спомениците на жртвите од Втората светска војна. Документот ги повикува државите да ги елиминираат сите форми на расна дискриминација со сите соодветни средства, вклучително, доколку околностите тоа го бараат, и законодавни.

Дополнително, нацрт-резолуцијата силно ја осудува употребата на едукативни материјали, како и реторика за време на образованието, кои промовираат расизам, дискриминација, омраза и насилство врз основа на етничко потекло, националност, религија или убедување.

Меѓутоа, Македонија, Албанија, Австралија, Јапонија, Гватемала, Либерија и Маршалските Острови поднесоа амандман во текстот на резолуцијата да се вклучи став кој би рекол дека Генералното собрание „со загриженост забележува дека Руската Федерација се обиде да ја оправда својата територијална агресија против Украина со наводна цел да го ликвидира неонацизмот“.

Дополнително, амандманот „повлекува дека употребата на неонацизмот како изговор за оправдување на територијалната агресија сериозно ги поткопува вистинските обиди за борба против неонацизмот“.

Во петок, пред гласањето за предлог-резолуцијата, ќе се гласа и за амандманот на неа.

„Ова е уште еден обид да се попречи усвојувањето на оваа резолуција, исто како и минатата година. Авторите на овој амандман се обидуваат да нè принудат нас, коавторите, на крајот да гласаме против резолуцијата. Но, тие нема да го постигнат тоа“, изјави за новинарите Григориј Лукјанцев, директор на Одделот за мултилатерална соработка за човекови права на руското Министерство за надворешни работи.

Според него, голем број делегации веќе им кажале на руските дипломати дека „противниците им пришле и агитирале за нивниот амандман“.

„Некои делегации тоа го нарекуваат не амандман, туку политички трик, бидејќи западните претставници во секој случај ќе гласаат против резолуцијата – и во случај на прифаќање, и во случај на неприфаќање на амандманот“, рече Лукјанцев.