Од година во година бројката на акушерки се намалува, а се заменуваат со медицински сестри велат соговорници на МИА



Во 2004 година во нашата држава имало 1.180 акушерки, во 2022 бројот бил 237. Статистичките податоци не се комплетно точни бидејќи има акушерки кои работат на други работни места или воопшто не работат како акушерки, но во родилиштата во родилните сали во моментов работат 237 акушерки.

Овие податоци за МИА ги сподели дипломираната акушерка, Тања Трајковска, која воедно е и потпретседателка на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки, претседателка на одборот на акушерки во Комората на здравствени работници со средно, вишо и високо образование и поранешен претседател на секцијата на акушерки.

„Недостигот на акушерки е премногу голем и тој недостиг се продлабочува бидејќи во минатото едукацијата на акушерките беше на секои три до четири години, така да оваа година имаше поголем одлив, во смисол на пензионирање. Недостигот се создава со години систематично и тоа пред сѐ се должи на медикализација на породувањето, сѐ поголемиот број на царски резови, приватизација на примарната здравствена заштита и несоодветниот образовен систем“, вели Трајковска во разговор за МИА.

Проблемот со продуцирање на соодветен кадар настанал во 1995 година, кога како што вели Трајковска државата и министерствата за здравство и образование, следејќи ги директивите на Европската Унија, со правилник го укинале образованието на акушерките на ниво на средно училиште. Таа смета дека образовниот систем тука ја направи својата најголема грешка, бидејќи не ги следел доследно насоките на ЕУ комплетно да ги укине типовите на едукација на ниво на средно образование и да остане доследна на секторските директиви за едукација на акушерките на ниво на студии. Наместо тоа се вовеле неколку типови на образовни системи во средните стручни училишта, притоа експериментирајќи со образованието – ФАРЕ-програма, која пак, како што вели Трајковска, резултирала со некомплетно образование.

„Не сакам да зборувам околу квалитетот на програмите за да не бидам погрешно разбрана, но и те како можам да зборувам за некомплетноста на образованието“, посочи Трајковска.

Таа смета дека од тука тргнала и ерата на несоодветен образовен профил гинеколошко-акушерски сестри.

„Бидејќи ваквите сестри немаа соодветни компетенции за акушерка, а на работодавачот, претежно државата, ѝ беа „продавани“ како соодветен кадар-акушерка, тие не можеа да се снајдат самостојно на работните места, па мораше да се примени дополнителна едукација. Ваквиот кадар без соодветни компетенции, не по нивна вина ги натераа работодавачите да ја изгубат довербата во компетентноста на акушерките и нивните вештини самостојно да го водат спонтаното нормално породување, па сега секое породување мора да биде под надзор на гинеколог, што од друга страна повлече вработување на што повеќе гинеколози, особено во поголемите родилишта. Само за појаснување, до 2000 година акушерките сами правеа тријажа на прием и носеа одлука за начинот на породување, самостојно во партнерство со жената го завршуваа породувањето во интимноста на родилната сала, а гинеколог се повикуваше само при компликации“, појасни Трајковска.

Приватизацијата на примарната здравствена заштита, како што истакна таа, е другиот проблем.

-Пред транзицијата на ПЗЗ во концесионерски ординации во секој здравствен дом, постоеше советувалиште за трудници кое го водеа акушерки. Советувалиштето имаше за цел да им ја олесни работата на гинеколозите од една страна, а од друга да ѝ овозможи на секоја жена достоинствен пристап и соодветно советување за нормална здрава бременост. Во советувалиштето, акушерките секој месец спроведуваа основи анализи кај трудницата – телесна тежина, крвен притисок, крвна слика, анализа на урина, карлични мерки, се слушаа тоновите на бебето и жената подготвена со сите анализи одеше кај својот гинеколог за дополнителни тестови и ехо прегледи. Исто така, акушерките во советувалиштта организираа и антенатални часови кои имаа за задача да ѝ помогнат на новата мајка да се подготви психички и физички за доаѓањето на новиот член, вели таа.

Овие советувалишта биле тесно поврзани со патронажната служба, која тогаш беше моновалентна – само мајка и бебе, која пак одела во домот на трудницата за дополнителни совети, но и скрининг на условите за правилен раст и развој на новороденчето. -Сега за жал се соочуваме со пребукирани гинеколози, кои не по своја вина немаат време, акушерки или медицински сестри вработени кај матичните гинеколози кои се административни работници пренатрупани со барање термини и издавање упати и немаат време за својата примарна дејност и патронажна служба која претрпе многу промени и патронажна сестра која е растргната на население од 2.000 до 2.500 жители кои треба да ги покрие, вели Трајковска за МИА.