На претстојното Европско фудбалско првенство од 11 јуни до 11 јули Македонија ќе дебитира од 62. место на листата на ФИФА.
Со оглед на тоа дека меѓу најновото и претходното рангирање се одигра само еден натпревар, непроменет е редоследот и на противниците во групата, па носителот Холандија остана на 16. место, Австрија на 23. и Украина на 24.
„Црвено-жолтите“ се најниско рангирани меѓу 24. учесници на еврошампионатот, но триумфот над 12-рангираната Германија од 2:1 на нејзин терен во мундијалските квалификации покажува дека ранкингот не игра на теренот.
Во топ-10 на ФИФА-листата и понатаму се Белгија, Франција, Бразил, Англија, Португалија, Шпанија, Италија, Аргентина, Уругвај и Данска по тој редослед.
Следниот ранкинг на светската фудбалска федерација ќе биде објавен на 12 август.






