Машката ракометна репрезентација на Македонија ја декласира Грција со 39:21 на стартот од групата Б на 19. Медитерански игри во алжирскиот град Оран.



По 10:10 во 18. минута, избраниците на селекторот Кирил Лазаров го скршија отпорот на Грците до крајот на првото полувреме, кое го добија со 20:13, за во второто до врв да му ја наполнат мрежата на јужниот сосед

Мартин Серафимов со 7 гола од 10 обиди беше најефикасен на средбата, во која Иван Џонов ги реализира сите 6 удари кон противничкиот гол, а Ненад Костески и Петар Атанасиевиќ имаа 5/6 во нападот.

Марко Кизиќ со одбранети 19 од 40 удари или 48 проценти успешност е без конкуренција најдобриот голман по првиот ден од ракометниот турнир, пред поранешниот голман на Вардар, Халифа Гедбан од Алжир, со 13/40 или 33 отсто.

Токму домаќинот Алжир, кој ја победи Турција со 32:27, е вториот противник на „црвено-жолтите“ утре од 17 часот по средноевропско време.