Машката ракометна репрезентација на Македонија до 19 години ќе разигрува за пласман од 9 до 12 место на 10. Светско првенство во Хрватска, откако во главната фаза ја совлада Австрија со 29:22 и го освои третото место во групата во Риека.



Со својата трета победа во петтиот настап на шампионатот македонските ракометни надежи веќе го подобрија пласманот на 13. место од единствениот претходен мундијал на кој учествуваа пред четири години како домаќини, а прв противник во Копривница на 10 август ќе им биде Унгарија или Португалија.

Ако победат, следниот ден ќе играат со подобриот меѓу Чешка и Иран или Германија.

Избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ беа подобри од Австријците во текот на целиот натпревар во салата „Замет“, во кој за најдобар поединец беше прогласен бекот Мирче Калајџиески за неговите 6 гола од 9 удари, ефект што го оствари и десното крило Ненад Белистојановски.