Македонија изгуби 24 милиони евра од европските фондови, каде е пропустот?!

Во тек е реализација на програмата од 633 милиони евра – за 421 милион евра се склучени договори, а исплатени се 308 милиони евра. Поради доцнење со постапките за набавка и за реализација на проекти од ИПА 2 за периодот 2014-2020, поврзани со секторите животна средина и транспорт и управувани од националните власти, Македонија од доделените средства не искористи, поточно изгуби 24 милиони евра и тие ќе бидат вратени во општиот буџет на Европската комисија, велат од Делегацијата на ЕУ во Скопје за „Слободен печат“.



Програмата ИПА 2 2014-2020 сѐ уште е во фаза на спроведување, а приоритетни сектори за финансирање во овој период беа Демократија и владеење, Владеење на правото и основните права, Акција за животна средина и клима, Транспорт, Конкурентност и иновативност, Социјален развој, Земјоделство и рурален развој и Регионална и територијална соработка.

Претпристапниот инструмент (ИПА) е главниот финансиски инструмент на ЕУ за поддршка на структурните реформи во Северна Македонија и нејзиниот пристапен пат. Од 2007 година, ЕУ инвестираше 1,3 милијарди евра, а досега ИПА имаше три финансиски рамки: ИПА 1 за периодот 2007-2013, ИПА 2 за 2014-2020 и ИПА 3 за 2021-2027 година. Сите три се спроведуваат или под директно управување, од страна на ЕУ и/или од Делегацијата на ЕУ, или под индиректно управување од земјата корисничка или од меѓународна агенција/институција.

Во ИПА 1 2007-2013 парите беа инвестирани во областите владеење на правото и основните права, демократијата и доброто владеење, заштитата на животната средина и одржливото поврзување, економскиот раст и човечкиот капитал, земјоделството и руралниот развој.

Според податоците од ЕУ, вкупната планирана помош за земјава во периодот 2007-2013 година изнесуваше 619.794.257,81 евра, од кои 478.459.905,00 евра се договорени (распределени за поединечни договори), што претставува 77,20%. Исплатени се 427.126.925,00 евра или 89,27% од договорениот износ и финансиската рамка ИПА 1 2007-2013 година се смета за затворена.