Во Македонија има околу 410 судии, а за ефикасно решавање на судските предмети ѝ се потребни околу 630 судии.
Според податоците од Судскиот совет 115.644 нерешени предмети во првата половина од 2022 година.
„Според систематизацијата нам ни се потребни околу 630 судии и затоа велиме дека ни недостасуваат судии. Бројката од 630 е добиена по извршени анализи низ сите судови во државата, пред сѐ имајќи предвид колку предмети годишно имаат судовите во работа”, вели портпаролот на Судскиот совет, Љубиша Арсиќ.
Според европските стандарди кои земјава мора да ги исполни на патот кон Европската Унија на 100.000 жители треба да има по 21,5 судии.
Во моментов, во Македонија на истата бројка жители има по 22 судии што е приближно еднакво на европскиот просек, но далеку од потребите на македонското судство.
„„Ние секоја година имаме од 90 до 100 илјади предмети кои се пренесуваат за работа за следната календарска година и тешко е веројатно дека тој прилив некогаш ќе го совладаме со постоечката бројка (410 -Н.З.) судии.
Затоа е проценето дека бројката од 630 судии би била посоодветна за да се елеминираат сите заостанати предмети и да го доведеме судството во состојба кога ќе нема толкав број на нерешени случаи“, вели Арсиќ.







