Македонија има најнизок раст и највисок дефицит

Македонија има најнизок економски раст и највисок буџетски дефицит во регионот, растот на бруто-домашниот производ значајно се потпира врз извозот, но најголемиот трговски партнер Германија има намалена побарувачка.
Ова се главните поенти од извештајот за Македонија на есенскиот економски извештај за Западен Балкан од страна на Светската банка, кои имаат за резултат дека Банката ја намали прогнозата за економски раст на земјава за годинава од претходните 2,1 проценти, на само 1,8 проценти.
По нашите 1,8 проценти е Србија со 2 проценти, Босна и Херцеговина со 2,2, Косово со 3,2, Албанија со 3,6 и највисок раст се прогнозира за Црна Гора од 4,8 проценти.
Сања Маџаревиќ Шујстер, виш економист за земјите од Западен Балкан, вели дека секој децимал од стапката на растот на БДП е важен за приближувањето на земјата кон ЕУ.
Македонија и Србија многу го потпираат растот на бруто-домашниот производ на извозот, за разлика од Црна Гора и Албанија, кои се потпираат на позитивните резултати во туризмот. Во 2024 година очекуваме позитивен придонес во економскиот раст од изградбата на автопатиштата во Северна Македонија и тоа ќе биде присутно и во наредните години, сè додека тоа влијание не почне да бледее по што треба да се темели на реформите. Во минатото гледаме дека економскиот раст во Македонија беше понизок отколку во регионот, а секој децимал влијае врз приближувањето кон ЕУ – рече Маџаревиќ Шујстер.



Таа потенцираше дека сега е видливо геополитичкото реконструирање. Тоа значајно ќе влијае врз нашата економија, особено ако се земе предвид дека странските инвеститори кај нас најмногу се од автомобилската индустрија.
Прогнозите на Светска банка за инфлацијата во Македонија е дека таа во 2023 година во просек ќе изнесува 9,1 процент. Притоа, Јоана Маџоска, економист во Канцеларијата на Светска банка на Северна Македонија, потенцира дека се зголемува влијанието на домашните фактори за инфлацијата, а се намалуваат надворешните.

– Домашните фактори што ја зголемуваат инфлацијата се заостанатите ефекти од мерките на Владата, вишок на побарувачка и голема профитна маржа на компаниите – рече Маџоска.

Анализите на Светска банка покажуваат и дека во 2021 и во 2022 година поголем удел во инфлацијата имале профитните маржи, додека сега почнуваат тоа да бидат платите, затоа што од април реалниот раст на платите е повисок од растот на инфлацијата. Дополнително, како инфлаторен фактор се гледа на растот на платите за 10 проценти на јавната администрација, како и растот на минималната плата што ќе се случи наредната година. Сепак, растот на личната потрошувачка е забавен.

Што се однесува на заштитата на животниот стандард на населението, Светска банка оцени дека Владата прави напори, но предупреди дека финансиските ресурси не се неограничени.

– Многу земји ги замрзнаа цените и тоа се направи и овде, македонската влада имаше и други мерки како што е намалувањето на царините и последниот обид да се одделат луксузните производи од основните производи со повластена стапка. Фискалниот дефицит на земјава е најголем во регионот и тоа е втора година по ред. Властите сакаат да го одржат животниот стандард, затоа што досега не сме доживеале вакви цени, но финансиските ресурси не се неограничени – рече Маџаревиќ Шујстер.
Критики од Светска банка стигнаа и за недомаќинското однесување во Македонија:

– Не сме виделе некаде светлата да горат секаде. Тоа има свој трошок. Цената на електричната енергија се зголеми, но исто и на гасот, и за нив сè уште имаме двоцифрена инфлација. Сè тоа си има цена, а цената е висока и тоа се гледа во фискалниот дефицит – вели Маџаревиќ Шујстер.

Извор : https://www.slobodenpecat.mk/makedonija-ima-najgolem-budzhetski-deficit-najmal-rast-visoka-inflacija-svetska-banka-go-prezentirashe-izveshtajot-za-zapaden-balkan/