Македонија има најголем дефицит од демократија и од желба за раскин со минатото, смета бугарски ексдописник

Костадин Филипов, долгогодишен дописник на бугарските државни медиуми БНТ, БНР и БТА од Скопје, во интервју за тамошното Радио „Фокус“ ги лоцира, според него, недостатоците на македонското општество.



„Тоа е држава во која, и покрај својата 30-годишна историја на суверен и независен субјект, каква што беше Република Македонија, а сега Република Северна Македонија, нема никакви јасни знаци за реформирање на општеството што земјата го затекна кога се отцепи од Југославија. Најголемиот дефицит во овие 30 години на општеството во Република Северна Македонија е дефицитот на демократија. И од немањето желба да се раскине со минатото и да се тргне по својот пат. Таму структурите се зачувани, влијанието на некои соседни земји, пред сè Белград, е зачувано кај политичките личности и политичките партии, структури, така што не треба да чуди што постојат такви рефлекси таму ‘да се повлече лостот’. Секој случај, секоја пригода во која може да се упатат обвинувања против Бугарија за што не и кога не, се користи најцелесообразно“, вели Филипов.

Тој повлекува и паралела меѓу бугарскиот и македонскиот устав за да објасни зошто таму не можело да се бара тоа што Бугарија го бара во и од Македонија.

„Идејата на францускиот предлог беше да се водат директни преговори меѓу ЕП и Република Северна Македонија, односно Бугарија да се остави малку настрана. Да, но и дел од бугарската политичка елита си помисли: ‘Му благодарам на Бога, сега Македонците нека се расправаат со Брисел’. Ништо од ова не се оствари, а потоа се појави идејата да се бара некаков реципроцитет, штом Бугарија бара нешто, и Република Северна Македонија да побара нешто. Друго прашање е што ова е, едноставно, изнудено барање, бидејќи вие добро знаете дека во бугарскиот устав нема малцинства. Нашиот устав има друга филозофија, нивниот има друга. Тие се мултиетничка земја, одамна се разделија со идејата за Македонија на Македонците. Имаат шест-седум етнички заедници напишани во Уставот, сега им се нудат уште две-три, Бугари, Хрвати, Црногорци, а можеби и некој друг ќе побара. Една е филозофијата на нивното конституирање, друга е нашиот устав. Таму таквите дребности не им прават впечаток. Битно е да се нападне Бугарија, да се бара нешто од неа, да се обвини за што и да е итн. Луѓе за тоа колку сакате“, објаснува ексдописникот од Скопје.