Македонија и Грција се расправаат, Бугарија користи, велат српски експерти

Експерти од Србија ги коментираат најновиот развојот околу прашањето за разликата за името меѓу Македонија и Грција и предлогот „Република Илинденска Македонија“, констатирајќи дека, додека двете земји се расправаат за името, Бугарија користи.



Историчарот Чедомир Антиќ за „Спутник“ вели дека грчката страна нема да прифати ниедно решение што би ги содржело именката „Македонија“ или придавката „македонски“.

„Мислам дека тоа е понижување на народот во Македонија. Секој има право да се вика како што сака и тоа што ЕУ не дава да го добијат тоа име зборува колку е тоа лоша организација, колку е културофобична, империјална во суштина. Од една страна, македонскиот национализам е еден неисполнет и нездрав национализам, формиран од страна на комунистите. На другата страна ги имаме Грците, со исто така екстремен национализам, кој во модерно време ги нема упориштата на кои се повикуваат. Тие се повикуваат на народот со кој немаат повеќе никаква врска, толку одамна живеел. И сега цела ЕУ е заложник на тоа, ги шиканираат тие луѓе и ги помагаат најмрачните политичари меѓу нив. Зошто“, прашува Антиќ.

Според него, има две опции за решавање на грчко-македонскиот спор: првата е Грција целосно економски да пропадне, па да дозволи Македонија да се вика така како што се вика, а втората е Македонците да прифатат некое сосема ново име.

Стеван Гаиќ од белградскиот Институт за европски студии, пак, вели дека предлогот „Илинденска Македонија“ е во согласност со т.н. Софиска платформа, односно со „пробугарската политика“ на македонскиот премиер Зоран Заев.

„Тоа е име што би ѝ одговарало на Бугарија, бидејќи тоа би бил чекор поблиску кон тоа што го посакуваат тие, а тоа е вшмукување на Македонија, барем словенскиот дел, во бугарската нација, значи ребугаризација. Притоа, тоа не се коси со интересите на НАТО, кој исто така сака по секоја цена да ја вшмука Македонија, а дали потоа ќе се случи федерализација, тоа е веќе друго прашање. Ова го гледам како продолжение на агресивната бугарска политика на бугаризација на словенското население во Македонија“, нагласува аналитичарот.

Според Гаиќ, „Илинденска Македонија може лесно да им се продаде на граѓаните на Македонија, а Заев може лесно да излезе „голем Македонец“. Сепак, и тој смета дека ваквиот предлог е неприфатлив за Грција, а најголем проблем на премиерот Алексис Ципрас е црквата.