Големо реми за фудбалската репрезентација на Македонија, која одигра 1:1 со европскиот вицешампион Англија пред исполнетата Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје на крајот од квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија.
Третиот нерешен резултат во шестиот меѓусебен дуел со Гордиот Албион го навести Енис Барди во 41. минута, кога неговиот удар од 11 метри прво го одбрани голманот Џордан Пикфорд, па одбиената топка македонскиот капитен ја испрати во спротивниот агол од англискиот гол.
За 16. гол на сега издвоениот трет стрелец во историјата на македонската репрезентација заслугите одат кај Бојан Миовски, кого во шеснаесетникот го удри со рака в глава Рико Луис, судијата Филип Глова од Словачка прво не досуди ништо, но по сугестијата од ВАР-собата ја прегледа снимката и покажа на белата точка.
ВАР ги спаси „црвено-жолтите“ во 47. минута, кога помошникот на Глова не реагираше на офсајдот на стрелецот Џек Грилиш, но снимката потврди дека англискиот фудбалер беше во недозволена позиција.
Четвртата селекција во светот израмни во 59. минута со автоголот на Јани Атанасов, веднаш по влегувањето во игра на Хари Кејн, на кој прво му беше запишан погодокот.
До крајот на мечот Никола Серафимов ја имаша шансата за триумф, но неговиот удар со глава заврши некој сантиметар над голот на Пикфорд.
Англија и пред средбата без резултатско значење веќе беше пласирана на ЕП, а Македонија знаеше дека ќе заврши четврта, но сега со 8 бода од двете победи над фенерџијата Малта и двете ремија, откако одигра нерешено 1:1 и со Италија во Скопје.





