Осум месеци по сензационалниот пораз од 1:0 против Македонија во Палермо, поради кој Италија нема да учествува на претстојното Светско првенство во Катар, италијанскиот селектор Роберто Манчини пред утрешната пријателска средба со Албанија во Тирана вели дека и понатаму се чувствува лошо поради тоа.
„Тоа против Македонија беше апсурден натпревар што мислам дека се случува еднаш во 100 години и, за жал, ни се случи нам. Доста лошо го доживувам тоа од март наваму. Заслуживме да одиме на мундијалот, но, за жал, не ги искористивме шансите што ги имавме. Ова е фудбал, по големото задоволство (со европската титула – н.з.) дојде големо разочарување и сега веќе не можеме ништо. Светското првенство без Италија е поинакво. Мораме да работиме на вистински начин за да се погрижиме тоа да не се повтори“, изјави Манчини.
Македонија, како и Англија, ќе ѝ се испречат на Италија и во квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија.
„Судбина. Доста тешка група, но нема лесни групи. Веднаш ќе ја имаме Англија и потоа ќе видиме, но ќе има борба“, ја коментира селекторот на „аѕурите“ групата во која се и Украина, и Малта.






