Генералното собрание на Организацијата на Обединетите Нации синоќа усвои резолуција, со која се повикува на итен прекин на огнот во Појасот Газа. Македонија е меѓу земјите кои ја поддржаа резолуцијата, додека Израел и Соединетите Американски Држави беа против. За усвојување на резолуцијата гласаа 153 земји, 10 беа против, а 23 членки на ОН беа воздржани.
Резолуцијата повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот“, како и „сите страни да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право, особено во однос на заштитата на цивилите“. Дополнително, се повикува на „итно и безусловно ослободување на сите заложници“ и „обезбедување пристап до хуманитарна помош“ до Појасот Газа.
Нацрт-резолуцијата беше поднесена од група од 20 арапски земји и Организацијата за исламска соработка. На седницата на Генералното собрание на Обединетите Нации не беше усвоен австрискиот, ниту американскиот амандман на нацрт-резолуцијата за прекин на огнот во Појасот Газа.





