Денеска се одбележува 2 Август-Денот на Републиката и Илинден, односно 118 години од Крушевската република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ.
Со Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ во манaстирот „Прохор Пчински“, удрени се темелите на македонската држава.
Овие датуми се длабоко врежани во колективната меморија на македонскиот народ.
Двата Илиндена претставуваат историски темелник на македонската самобитност, непокор и слобода.
Во 1903 година почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската република.
Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија.
Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто. Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.
Годишнината од Илинден ќе биде одбележана со народни собири и свечености ширум земјата, а пред се во Скопје, Пелинце и Крушево.







