Пишува: Свето Тоевски
Силен ветер денес урна видео-бим врз модераторка и го прекина привремено „Преспа форумот 2023“, кој се одржува овие три дена во Струга. Среќна околност е што нема повредени. Но, „силен македонски ветер“ допрва ќе почне да дува и да им ги расипува ваквите „прослави на годишнините“ на „Преспанското“ геноцидно насилство врз македонскиот народ, кои претставуваат тешка навреда за тој народ, на кого му се одземени македонското име и македонското достоинство. Но само привремено.
„Преспа форумот“ – „прослава“ на геноцидното насилство врз македонскиот народ
Видовитиот книжевен растајнувач на македонската судбина, генијалниот Петре М. Андреевски во својот монументален роман „Пиреј“ уште пред 40 години напиша: „Македонија е во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа“. Сите се собрале да играат и овие три дена на „Преспа форумот 2023“… Дошле да разговараат за „горливите регионални и европски политичко-безбедносни прашања, евроинтеграцијата на државите од Западниот Балкан, перспективите за зајакнување на регионалната соработка и добрососедските односи“!
Какво невидено лицемерие, каков провиден обид на „собраните околу казанот“ да прикријат дека нивната главна цел, поради која дошле, е максимално да го зголемат притисокот врз сите оние во Македонија, кои се спротивставуваат на промената на Уставот?!
Исто така, ова „форумско“ среќавање во Струга апсолутно има многу слични, или идентични белези како Лондонската конференција на 30 мај 1913 година кога беше запечатена судбината на Македонија и кога беше одлучено кој ќе го добие и ќе го окупира овој, или оној дел на етничка Македонија.
Грција, со која беше потпишан во 2018 година, поточно насилно е наметнат „историскиот и епохален“ „Преспански договор“, тогаш, пред 110 години, го доби Егејскиот, Беломорски дел на етничка Македонија. Бугарија, со која е „потпишан“ во 2017 година, поточно насилно е наметнат „Бугарскиот договор“, дополнително „збогатен“ со „францускиот европредлог“, „протоколите“ и „Преговарачката рамка“, во 1913 го доби Пиринскиот дел на етничка Македонија. Вардарскиот дел и припадна на Србија. Албанија тогаш доби 1.115 квадратни километри од западниот дел на македонската етничка територија
Сега е на ред делење на овие преостанати неподелени 25.342 квадратни километри на вардарскиот дел, денешна Република Македонија. Главните, кои се настрвени во оваа замислена нова „територијална гозба“ во Балканот, се Бугарија и албанскиот политички фактор во Македонија со штедрата поддршка од Косово и Албанија, но и со уште поширокоградото „политичко покровителство“ на западните центри на политичката моќ. Што е друго сегашнава геополитичка бркотница околу внесувањето на „државотворниот бугарски народ“ во македонскиот Устав, та зарем толку им станала важна оваа мала држава Македонија да се „зачленела во ЕУ“?!
Во тек е непрогласената Трета Балканска војна за територијата на Македонија
Уставните промени би биле завршниот чин на една повеќе години планирана и веќе спроведувана сложена геополитичка активност со домашни и меѓународни аспекти, која е во најдиректната смисла непрогласена Трета балканска војна и специјална воена идентитетско-политичка и психолошка операција против македонскиот народ.
Во 1912 и 1913 година се водеа Првата и Втората балканска војна главно меѓу Србија, Бугарија и Грција, со директно или индиректно учество и на Албанија, Романија, Црна Гора и европските големи сили и Турција околу најважното прашање: по пропаѓањето на Турската империја кој ќе ги добие и ќе ги завладее деловите на територијата на етничка Македонија? Веќе кажав каков одговор даде Букурешкиот одговор на тоа прашање.
Сегашните „иди ми – дојди ми“ „екскурзии“ на светските, европски и балкански емисари, политичари и државници со сите нивни закани, наредби, уцени и ултиматуми дека „мора да се промени Уставот и Бугарите да се внесат во преамбулата“ се во функција на новата „прераспределба“ на преостанатата, неподелена македонска територија, но и кое парче од неа под чие „стратегиско влијание“ ќе потпадне, на која од големите светски сили и држави.
Завршува „употребната вредност“ на божемната „држава северна“, дојдено е време таа да исчезне. Потоа од оваа територија испланирано е со промената на Уставот да се избришат Македонците како единствениот мнозински и државотворен народ со нивниот идентитет, јазик и историја. Бугарската потпретедателка Јотова најотворено си кажа денес дека не е во прашање само внесување на Бугарите во Уставот, туку промени и во историјата, учебниците итн, итн…
Следувателно, на „вардарско-македонската територија“ планот е и да се создадат две нови државни единици: Јагнула Куновска едната инвентивно ја нарече „Санстефанија“, а за другата Албанците веќе си имаат свое име, уште од 1991 – Република Илирида“.
Германска подршка за „северна Македонија“ и македонскиот идентитет и јазик, а „северна“ подразбира постоење „северномакедонски идентитет и јазик“
Во притисокот да се промени Уставот на Македонија особено е вклучена Германија. Интересот на Германија „Македонија да влезе во ЕУ“ е толкав што е нејзиниот Бундесрат – Парламент расправаше и усвои Резолуција под наслов „Активно поддржете ја Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија“, заради „потврда за постоењето на на македонскиот јазик и идентитет“ и „поддршка за членството во ЕУ“.
Арно ама, на ниеден Македонец не му е потребно кој било, која било држава во светот со резолуции и декларации да го потврдува „постоењето на македонскиот идентитет и јазик“. Македонскиот идентитет и јазик отсекогаш постоеле во минатото, а ќе постојат и во иднина. Непотребна е таквата Резолуција на германскиот Бундесрат, таа е планирано да биде „шарено европско лижавче“, со кое би се залажале Македонците, за да речат потоа „Да“ за промената на Уставот.
Во 1941 година, на почетокот на Втората светска војна фашистичка Германија доби поддршка од Бугарија, која и се придружи на фашистичката коалиција, со што и самата тогаш стана фашистичка држава, колку и да се обидува денес да го избрише тоа свое црно минато. Денес Германија штедро ја поддржува официјална Софија во нејзината политичко-идентитетска агресија врз Македонија и македонскиот народ, придружувајќи се во меѓународниот притисок да се внесат Бугарите во уставот. Споменатата Резолуција на германскиот Парламент ќе биде дополнителен, уште поголем притисок на официјален Берлин врз Македонија, во корист на Бугарија.
Резолуцијата на германскиот Парламент се однесува на „северна Македонија“, заради поддршка на „македонскиот идентитет и јазик. Ова е целоснa противречнoст, бидејќи „* Македонија“ не подразбира постоење македонски и идентитет, туку постоење „северномакедонски идентитет и северномакедонски јазик“! „Преспанскиот договор“ си е многу јасен и прецизен!
Германија со своја парламентарна резолуција „дава поддршка на македонскиот идентитет и јазик“, но како членка на ЕУ ги поддржува и „Бугарскиот договор“ и „Преговарачката рамка“, во која се прифатени бугарските негаторски ставови дека нема ниту македонски идентитет, ниту македонски јазик. Значи, втора противречност и втор обид за „нудење поддршка“, која поправо е резервирана само за Бугарија, не и за Македонија.
Меѓународниот притисок за промена на македонскиот Устав – кршење на Декларацијата на ООН за недозволивост на мешањето во внатрешните работи на државите
Барањата на Бугарија, ЕУ, САД, Германија, Франција, Велика Британија и другите западни центри на политичката моќ да се промени македонскиот Устав се во судир со еден клучен меѓународен документ од највисока светска важност, кој во овие моменти се однесува особено на Македонија. Декларацијата за недозволивост на интервенцијата и мешањето во внатрешните работи на државите на Генералното собрание на ООН (A/RES/36/103) од 9 декември 1981 година категорично нагласува дека ниедна држава, или група држави, нема право да интервенира, или да се меша во која било форма, или од која било причина во внатрешните и надворешните работи на другите држави.
Според таа декларација, принципот на немешање во внатрешните и надворешните работи на државите ги опфаќа: „…суверенитетот, политичката независност, територијалниот интегритет … сувереното и неотуѓиво право на државата слободно да го одредува својот политички систем, да ги развива своите меѓународни односи … во согласност со волјата на својот народ, без надворешна интервенција, мешање, принуда, или закана во каква било форма.“
Значи, барањето на Бугарија и сите други споменати држави и ЕУ за промена на преамбулата на Уставот на Македонија е кршење на Декларацијата на ООН и нејзиниот принцип на недозволеноста на мешањето во внатрешните и надворешните работи на државите.
Во оваа колумна изнесувам свои лични ставови, засновани врз реална политиколошка анализа. Тие немаат никаква поврзница со ниедна политичка партија, ниту со уредувачка ориентација на ниеден медиум, а воопшто немаат никаква врска со друга, која било држава – единствено се поврзани со Македонија и ништо друго.





