Македонија доби своја берза за струја. 22 домашни но и странски фирми склучиле договори со МЕМО за да бидат дел од берзата и од утринава веќе тргуваат. Директорот на МЕМО Симон Шутиноски ги презентираше првите податоци. На првиот ден се продавала електрична енергија по просечна цена од 7 125 денари, односно сума која е приближно иста со онаа во регионот и Европа.
- – „Она што можам да истакнам е дека истргувани се отприлика 500 мегават часови, по просек околу 20 мегавати во час и постигнати се цени кои се приближно на цените во регионот и Европа“, изјави Симон Шутиноски, директор на МЕМО.

За фирмите да учествуваат на берзата ќе треба да платат за учество како и годишни членарини, но цената зависи од типот на пакет кој учесниците ќе го одберат. Шутиноски вели дека давачките за македонската берза се најефтини во регионот. Обајснува дека цената по која ќе се продава струјата на берзата ќе зависи од понудата и побарувачката во моментот. Првиот ден од отпочнувањето со работа го одбележа целиот енергетски сектор, а стартот го поздрави и премиерот Ковачевски од Америка, кој преку писмо посака успешна работа.





