„Македонија да не се надева на преговори со Бугарија!“

Информативната агенција на албански јазик „Журнал“ оценува дека Македонија не треба да очекува ништо во поглед на отстранувањето на блокадата на отпочнувањето преговори со ЕУ и по создавањето на новата Влада на Бугарија.



Дополнителен елемент кој ќе ги отежни напорите да се дојде до заемно прифатливо решение ќе бидат и претстојните претседателски избори во Бугарија во ноември годинава.

Овие тврдења „Журнал“ ги изнесува во својата анализа, која ја објавува под наслов „Кој и да победи на изборите во Бугарија, Македонија да не се надева напразно на преговори!?“

Агенцијата пишува: „Спорот меѓу Бугарија и Македонија го блокираше интегративниот пат на Скопје кон Европската Унија, бидејќи ветото на Софија на последниот самит беше решавачко нашата земја да не добие датум за почеток на преговорите. Ова претставуваше големо разочарување, но нашите раководители беа оптимисти дека со создавањето на новата влада на соседната држава би се изнашло решение за недоразбирањата меѓу двете земји. Ова може да не се случи, бидејќи првичните резултати ни покажуваат многу тесен резултат, кој се очекува уште повеќе да го усложни создавањето политичка влада.

Немањето политичка влада во Бугарија, што уследи како последица на непостоењето внатрешна политичка стабилност, беше многу важен елемент, кој го спречи постигнувањето конечна спогодба, што би му ставила крај на спорот меѓу двете земји. Бидејќи, техничката влада што беше создадена немаше легитимитет да се постигне конечна согласност со Македонија. Од сево ова страда нашата земја, која е заглавена пред портите на ЕУ.“

Во својата анализа овој информативен медиум натаму наведува: „Одржувањето на предвремените избори во Бугарија во април 2021 година создаде тесен резултат меѓу политичките партии. Врз основа на тие бројки се виде дека би било многу тешко да се создаде парламентарно мнозинство, кое ќе гласа за новата влада, со оглед на многуте судири меѓу политичките партии пред и во текот на изборната кампања. На новите избори што се одржаа на 11.7.2021 година според податоците на Централната изборна комисија со 98,2 од преброените гласови редоследот доживеа промени и сега партијата ‘Има таков народ’ е прва со 23,91 проценти од гласовите. Според првичните резултати оваа партија ќе има 65 пратеници, додека на второ место се наредува ГЕРБ, партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов со 23,69 отсто од гласовите и според првичните резултати таа ќе има 63 пратеници. Не се очекува конечните резултати да променат многу, бидејќи останаа да се пребројат не повеќе од 1,08 проценти од гласовите.“

Сметајќи дека „овие многу тесни резултати ќе го отежнат многу создавањето нова влада во Бугарија, бидејќи сегашната разлика меѓу двете партии е многу тесна и шансите за можна коалиција се мали“, „Журнал“ во својата анализа нагласува: „Сево ова може да повлијае Бугарија повторно да влезе во политичка криза. Можностите за нови избори се многу очигледни. Не треба да се очекува многу од новата бугарска влада за решавање на спорот со Македонија, бидејќи повеќе изјави што ги даде Слави Трифонов, претседателот на победничката партија според досегашните резултати, не се разликуваат многу од изјавите на други пофицијални личности. На овој начин се чини дека ставот на Софија кон Скопје нема да се промени. На еден предизборен собир Слави Трифонов нагласи: ‘Се додека Бугаринот не е мирен кон својата историја, а тоа е Македонија, нашето мислење ќе биде исто како мислењето на сите Бугари’.

Ова ни покажува дека нашата земја ја очекуваат исцрпуваат преговори и со идната бугарска влада и во врска со нив мора да се подготви стратегија за преговори, бидејќи прекумерната верба и еуфорија во поглед и на новата влада можат да произведат ново разочарување.“

Информативната агенција анализира дека „за да се формира влада партијата ‘Има таков народ’ треба да формира коалиција со две или три партии зависно од од бројките на освоени гласови гласови, која ги има секоја од нив“ и дополнува: „Ова е сложена операција, што може и да не успее. Тоа би ја фрлило Бугарија во нова политичка криза, предизвикувајќи и нови избори. Тоа за Македонија подразбира продолжување на блокадата на интегративниот пат, бидејќи се крајно мали шансите ставот на Софија да се промени во таква поларизирана и нејасна политичка ситуација. Претседателските избори што се очекува да се одржат во ноември годинава во Бугарија се уште еден елемент за загриженост, кој треба да го земат предвид во разгледување раководителите на нашата држава, бидејќи е многу важна улогата на претседателот на Бугарија во решавањето на спорот меѓу двете земји. Сето тоа може силно да влијае врз процесот на преговори меѓу Скопје и Софија.“

„Тесниот резултат меѓу политичките партии, што го произведоа последните избори во Бугарија, може да ја усложни политичката ситуација во оваа соседна држава. Сето тоа ќе има силно влијание врз судбината на преговорите и врз конечното решение на спорот.

Политичарите во нашата земја треба да се подготват и да пронајдат потребни механизми, за да се постигне спогодба прифатлива за двете страни, што би го одблокирало интегративниот пат на нашата земја кон ЕУ.“ – заклучува „Журнал“ во својата анализа за шансите Македонија да постигне прифатливо решение со Бугарија, заради остранување на блокадата на нејзиниот евроинтегративен пат.