Македонија да не ја следи Србија: Пред владата протест против “Српскиот геноцид на Косово”

Весникот на албански јазик „Лајм“ објавува дека во четврток, 10. Јуни 2021 година во Скопје со почеток во 13, 30 часот пред зградата на Владата ќе биде организиран протест „против српскиот геноцид во Косово“ преку одржување една изложба.



Како што пишува весникот, „овој датум го симболизира капитулирањето на Србите пред силите на НАТО, кои го спречија српскиот геноцид во Косово“ и натаму се наведува: „Протестот има за цел Владата на Република Македонија да го осуди српскиот геноцид и да не продолжува да ја следи српската политика, бидејќи Македонија е членка на НАТО и како таква треба да ги следи западните политики. Споменатата изложба ќе продолжи и следниот ден, на 11.6.2021 година.“

Како организатор на овој протест се јавува непознатата организација „Цивилно општество“.

Најавата содржи и мото „Теророт на српската власт врз Албанците“, а во неа се наведува и името на извесно лице Блерим Ахмеди, кој и на 25 мај годинава се имаше огласено во медиумите со најава за одржување ваков протест, со преземање и други активности (протести) за албанската национална кауза, насочено и кон „преамбулата на Уставот на Македонија како генератор на газењата на правата на Албанците“.

Во јануари 2017 година ДУИ, БЕСА и Алијансата за Албанците усвоија заедничка декларација, базирана врз така наречената „Тиранска платформа“, која, покрај другото, содржи и барање Парламентот да донесе „Резолуција за осуда на ‘геноцидот врз Албанците и во Македонија“.