Македонија да не го слави денот на украдената бугарска азбука, Бугарија била ,,Ханство” при создавање на ,,Глаголицата”

Македонските власти не смеат само со Бугарија да го слават 24 Мај – денот на Кирил и Методиј затоа што тој ден Софија го смета за ексклузивен ден на бугарска азбука а не наследство на сите словенски народи, предупредува екс амбасадорот во оваа земја Марјан Ѓорчев.



Тој смета дека сите држави со словенско население треба заедно да го слават денот на сесловенските просветители а Софија не смее да просвојува нешто во чие создавање воопшто не учествувала.

Во опширна колумна за Фокус Ѓорчев дава историски преглед на настаните кои доведоа до тоа Бугарија да ги прогласи светите Кирил и Методиј за свои национални просветители што е насилно присвојување на историски личности и извртување на историјата.

,,Имено, во периодот кога св. Кирил и Методиј го создаваат старословенското глаголско писмо, првото средновековно бугарско царство сѐ уште е со статус на ханство.

Населението во религиозното општење ги применува паганските ритуали на прабугарскиот етнос. Христијанизацијата на Првото бугарско царство и прогласувањето на ханот Борис за цар се извршува во 864 година од страна на Константинополската патријаршија, на старогрчки јазик.

Тој јазик е во официјална употреба во црковно-духовните обреди, сѐ до формирањето на Бугарската црква во 870 година, која добива автокефалност во 879 година. Но, и како автокефална црква е под огромно влијание на византискиот црковен клер.

Како е можно, во време кога св. Кирил и Методиј го етаблираат старословенскиот јазик како свештен јазик во Рим, а во тој период во Првото средновековно бугарско царство се применува во црковната литургија старогрчкиот или латинскиот јазик, да се спинуваат неспорни историски факти?!

Како тоа бугарската политика воспоставува сопственост врз светите солунски браќа, кои припаѓаат на сиот словенски род?! Светите солунски браќа се екуменски, сесловенски, сеевропски патрони на христијанството и само како такви светители можеме да ги славиме!

Создавањето на старословенската глаголица од страна на св. Кирил и Методиј претставува пракодификација на јазикот на сиот словенски род, во средината на деветтиот век. Тоа дава можност сите современи словенски јазици да имаат еднакво право да ја препознаат изворната матрица на својата јазична заедница, во даден простор и време.

Токму затоа, заедничкото славење во чест на 24 Мај – Денот на св. Кирил и Методиј подразбира сите држави со доминантно словенско население да бидат обединети на тој ден, како потомци на словенскиот род од минатото. Заедничкото славење на светите солунски браќа не може да биде осмислено како заедничко чествување само од бугарска и од македонска страна. Особено ако се прославува 24 Мај – Денот на светите солунски браќа, како Ден на старобугарската азбука?! Тоа е пристап што го преферира бугарскиот етнофилетизам.

Таквиот чин е апсолутно противречен со апостолското дело на св. Кирил и Методиј и само ја потврдува бугарската тенденција за ексклузивитет и патернализам во толкувањето на нивното екуменско значење. Македонскиот народ ќе продолжи да го слави 24 Мај како Ден на св. Кирил и Методиј, творци на старословенското писмо. Тоа е единствениот начин да искажеме искрена почит кон вистинската вредност на грандиозното христијанско и сесловенско, просветителско Кирило-методиевско дело!”, пишува Ѓорчев во колумната која изобилува со низа информации.

Колумната на овој ЛИНК