Победата над Летонија од 3:1 во Скопје и ремито 1:1 со Словенија во Љубљана на стартот од квалификациите за Европско првенство 2020 ја искачија фудбалската фрепрезентација на Македонија на 68. место на листата на ФИФА



Пласманот е за три места повисок од претходниот ранкинг и највисок од 2010 година наваму.

Од противниците во групата пред „црвено-жолтите“ се носителот Полска, која остана на 20. позиција, потоа Австрија, која падна 11 места и сега е 34., како и Словенија, која остана 63.

Зад избраниците на селекторот Игор Ангеловски се Израел на 84. место или осум позиции повисоко од февруари, како и Летонија на 133. место или две позиции пониско од претходното рангирање.

Противникот во полуфиналето на Лига на нации, Косово, се искачи три места и сега е 127., а ако македонските фудбалери го совладаат, подобро стојат и од можните ривали во финалето. Белорусија е 81. (-3), а Грузија 94. (-3).

Белгија и понатаму е прва, пред Франција и Бразил, а топ 10 го сочинуваат уште Англија (+1), Хрватска (-1), Уругвај (+1), Португалија (-1), Швајцарија (0), Шпанија (0) и Данска (0) по тој редослед.