Со серија од 10:0 по 68:55, Македонија се доближи на еден напад до израмнување, намалувајќи на 70:67 на 98 секунди до крајот, но тука застана и ѝ дозволи на Русија да слави во Перм со 77:67 во второто коло од квалификациите за Евробаскет 2001.
Македонските кошаркари ја добија првата четвртина со 20:19, на полувреме беше 38:36 за домаќинот, а „црвено-жолтите“ имаа резултатски приклучок и на стартот од последниот период, кој фаворизираниот противник го отвори со водство од 57:53.
Избраниците на селекторот Александар Тодоров беа рамноправни под обрачите (35:34 за Русија), но клучни се покажаа десетте тројки на Русите со 42 проценти реализација.
Со по 14 поени, во македонскиот тим се издвоија Андреј Магдевски (6/8 за два, 6 скока, 4 асистенции) и Шејн Витингтон (2/4 за тројка, 6 скока, 4 асистенции).
Вториот пораз ја закова Македонија на последното место во групата Б пред гостувањето кај лидерот Италија на 27 ноември.




