Македонија ѝ покажа заби на Франција, па застана на отворањето на ЕП

Надреалните 10:8 за Македонија во 16. минута и тајмаутот на францускиот селектор покажаа дека македонските ракометари имаат што да покажат и против олимпискиот шампион, па поразот од 39:29 на отворањето на Европското првенство во Германија не е реален одраз на настаните во арената „Меркур шпил арена“ во Диселдорф.



Во историскиот натпревар пред 53 илјади гледачи на затворениот фудбалски стадион избраниците на селекторот Кирил Лазаров имаа можност и за +3 ако Филип Кузмановски го реализираше контранападот во средината на првото полувреме, кое заврши со водство на светскиот вицешампион од 17:13.

Извонредниот Никола Митревски на голот, зад чие име останаа 10 успешни интервенции, компензираа дел од порозноста на македонската одбрана, но вториот дел го неутрализира поволниот впечаток од првите 30 минути, иако разликата во квалитет уште пред средбата го навестуваше победникот.

Кружниот напаѓач Жарко Пешевски со 6 гола од 7 удари беше најефикасен во македонскиот тим, пред бекот Иван Џонов со 6/7.

Во следното коло на 14 јануари од 20:30 часот во Берлин „црвено-жолтите“ ќе му излезат на мегдан на домаќинот Германија, а два дена подоцна од 18 ч. ќе се сретнат со Швајцарија.