Македонија е првата земја од Енергетската заедница што донира опрема за итно снабдување со електрична енергија на Украина, соопшти организацијата што ја сочинуваат членките на Европската унија, девет држави од Југоисточна Европа и три набљудувачи.
На Украина ѝ се испорачани шест електрични трансформатори, обезбедени од дистрибутивниот систем оператор „Електродистрибуција ДООЕЛ“, подружница на „ЕВН Македонија“, објави новинската агенција „Укринформ“.
„Благодарни сме им на Северна Македонија и на колегите од Енергетската заедница за нивната помош во обновата на енергетската инфраструктура оштетена за време на војната. Ова е пример за вистинска солидарност на која се заснова Енергетската заедница. Таквата поддршка сега, повеќе од кога било, е потребна за да се подготвиме за претстојната зимска сезона“, изјави Херман Галушченко, министер за енергетика на Украина.
Главниот извршен директор на „ЕВН Македонија“, Штефан Петер, му се заблагодари на Секретаријатот на Енергетската заедница за помошта во координацијата на испораката на опрема во Украина.
„Се надеваме дека нашата донација веднаш ќе им помогне на семејствата кои останаа без струја поради војната“, додаде тој.
„Укринформ“ потсетува и дека кон крајот на јули Министерството за одбрана на Македонија потврди оти земјата прва (ќе) ѝ испорача на Украина авиони „Сухој 25“, како и тенкови Т-72.






