Златко Трпковски, кој ги освои симпатиите на Германците во првото издание на „Големиот брат“ во оваа земја во 2000 година, се враќа по 19 години како еден од 12 учесници во реалното шоу што почнува вечерва.
Тогаш како 24-годишен автомеханичар роден во Натхајм, Македонецот ѝ стана симпатичен на публиката со својот изглед и со простодушните реплики, од кои остана запаметена таа дека не чул за Шекспир, инспирирајќи пиварница да брендира пиво со името „Шексбир“.
Познат кај Германците како Злади, Tрпковски остана во контејнерот 41 ден, пред гледачите да изберат меѓу него и подоцнежниот вицешампион Јирген Милски.
Популарноста ја искористи за краткотрајна пејачка кариера, во која неговиот деби-сингл „Ми недостигаш како пекол“ во мај 2000 година 15 недели беше број еден во Германија и 14 недели во Австрија, исто како и дуетот „Големиот брат“ со Милски во јуни таа година во Германија. Потоа потона во заборав, за 17 години подоцна да се врати на големата сцена.
Во интервју за „Билд“ ќе признае искрено дека се враќа „за пари“, иако одлуката не ја донел лесно, како и дека нема план што ќе прави две недели во ТВ-контејнерот.





