Од почетокот на декември, па во следните пет години, Македонецот Гоце Пероски (ќе) ја извршува функцијата претседател на Советот за интеграција во Диселдорф, град во кој 42 проценти од жителите имаат мигрантско потекло.
Станува збор за тело составено од претставници на доселеници во Германија, кое во новиот мандат има 19 члена, од кои десетмина директно избрани на последните локални избори, меѓу кои и 39-годишниот Пероски. Професорот по англиски и по германски јазик е член на Советот од 2014 година и претходно беше негов заменик-претседател.
„Советот за интеграција е суштински дел од нашето интеркултурно урбано општество. Тој во голема мерка има советодавна улога, но ние сакаме да го прошириме нашето влијание во текот на следните неколку години. Ова значи дека сакаме максимално да ја искористиме правната рамка со проширување на надлежноста. За жал, тоа сè уште не се случило, но, сега можеме да поставиме теми и да извршиме апсолутен притисок врз Градскиот совет да се занимава со темата интеграција“, изјави Пероски за весникот „Вестдојче цајтунг“.
Тој со уште тројца сонародници во септември учествуваа на локалните избори во градот на реката Рајна, во западниот дел на Германија, со 612 илјади жители. Еден од нив, Павле Маџиров, тогаш беше избран за еден од 90. членови на новиот состав на Градскиот совет на Диселдорф.






