Мирко Радовиќ, од 2019 година во Еурофарм Пелистер, во интервју за црногорскиот весник „Побједа“ изрече низа комплименти за ракометната репрезентација на Македонија, противник на селекцијата на неговата земја во групата на претстојното Европско првенство.



„Долго сум во Македонија, го познавам добро речиси секој нивни репрезентативец, некои од нив ми се соиграчи и пријатели. Поседуваат сличен квалитет како ние, не се сомневам дека ќе бидат одлично подготвени. Добро се водени од страна на Кирил Лазаров, за кој сите знаеме што претставува во нашиот спорт, спој се на младост и искуство“, го опишува ривалот десното крило на битолчани.

„Тие живеат за ракометот, навивачите се фанатични, присутен е голем ентузијазам, репрезентацијата се обожава. Но, и ние даваме и срце и душа за државниот тим. И тие, и ние ќе го оставиме последниот атом од силите, но верувам дека на крајот ние ќе излеземе како победници. Македонија, по сè, е убава приказна на балканскиот ракомет, а нашата цел е по Европското првенство да се зборува и за Црна Гора“, додава Радовиќ.

Македонија и Црна Гора ќе ги одмерат силите на 15 јануари во второто коло од групата во Дебрецин, во која се уште Данска и Словенија, а за следната фаза ќе се изборат двете првопласирани.