Повикувајќи се на вработени на граничниот премин Ѓуешево, Бугарското национално радио (БНР) објави дека Македонците со двојно државјанство од 1 јули се очекува да влегуваат во Бугарија без задолжителната (само)изолација од 14 дена.
Иако Македонија денеска ги отвори своите граници за влез во земјата без ПЦР-тест и карантин, за нејзините граѓани сè уште важи обврската за двонеделна изолација при влез кај источниот сосед. Тоа се однесува и на бугарските државјани што ќе ја посетат Македонија. Некои Бугари денеска тргнале кон Македонија, но се вратиле од граница по укажувањето на службениците дека и понатаму важи обврската за карантин при враќање од Македонија.
Десетици со двојно државјанство се очекува од среда да пристигнат во Ќустемндил за пазарување, за (пре)регистрација на моторни возила, фирми или други административни работи, напомнал за БНР маж од една од канцелариите во градот што им посредуваат.
„До 30 јуни е карантинот. Потоа, на 1 јули, среда, можеби ќе стартуваме. Ако се укине карантинот, барем оние со бугарски документи би требало да влегуваат. Сега ако влезат се под карантин“, објасни ќустендилецот.





