Фудбалската репрезентација на Украина за продолжението од квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија со возвратната средба со Македонија на 14 октомври во Прага се подготвува на стадионот на Спарта, а офанзивниот играч за врска Георги Судaков со голем респект зборува за „црвено-жолтите“.
„Македонците се тежок противник и во тоа веќе се уверивме. Неодамна ремизираа со Италија, така што ова е многу силна репрезентација. Но, се надеваме дека ќе има повеќе наши навивачи во Прага и, соодветно на тоа, поголема поддршка за нас. Ќе го почувствуваме тоа и ќе биде полесно да се игра отколку во првиот меч на гостински терен. Потребно е сериозно да му пристапиме на натпреварот од првите минути за да не ни се повтори претходната средба“, изјави 21-годишниот играч на Шахтар Донецк со девет настапи за Украина.
Првиот меч во Скопје го добија Украинците со 3:2, откако Македонија водеше со 2:0 до 62. минута.
Двете селекции по пет одиграни натпревари имаат по 7 бода, колку и второпласираната Италија, која има меч помалку.





