Македонците се повеќе тонат во сиромаштија, државата на дел од граѓаните не може да им обезбеди ниту лични документи

Државата глува за луѓето кои немаат лични документи и се без идентитет. Такви луѓе има се повеќе, велат од невладиниот сектор кои преку фонадации прават напори да им обезбедат документација, но и покрив над глава. Велат дека наместо државата да им олесни, бирократијата и административниот хаос им создаваат дополнителни главоболки.



  • Во просек има по еден до двајца кај кои правиме напори да им направиме документи. Но морам да кажам дека има и граѓани кои и генерациски се без документи, вели за Алфа Тони Станковски, од здружението на граѓани „Љубезност“.

Покрај фантом – луѓето, проблем, велат е и високата стапка на сиромаштија. Луѓето кои се оставени сами на себе, едвај крпат крај со крај, спас бараат во  невладиниот сектор кој се обидува да им помогне колку што може, а институциите како да не постојат.

  • – Најсиромашната категорија граѓани е најпогодена, и многу е важно да имаме еден интегриран пристап до тоа, за да се олесни целата процедура, затоа вакви организации прават се за да им помогнат на овие луѓе, на кои помошта сега и одма им е и повеќе од потребна, рече за Алфа Спасе Спасов, проектен менаџер во здружението „Грижи се“.

Проблемот на луѓето без документи е се поголем, а расте и бројот на сиромашно население. Според „Евростат“, над 95,3 милиони луѓе во ЕУ или 22% се сиромашни. Овој индикатор во земјава е двојно повисок за разлика од лани, и ја рангира Македонија на второ место во Европа по сиромаштија. Само лани, над 40% од Македонците живееле многу тешко, а уште потешко било да се најде трајно решение.

Според статистика, стапката на сиромаштија во 2020 изнесувала 21,8% или над 452.000 граѓани живееле лошо, но бројката не може да се земе за соодветна, ако се има предвид и сивата економија која никако да се намали.