Организации на Македонците од Канада бараат оставка од пратеникот Роб Олифант поради користењето на изразите „Северна Македонија“ и „Северномакедонци“ на македонски настан во Торонто минатиот месец.



Членот на Либералната партија на Канада и парламентарен секретар на Министерството за надворешни работи со контроверзниот говор на „Гоцева вечер“ предизвикал реакции на присутните, кои му укажале дека изразите што ги употребува се навредливи за Македонците, но тој им одговорил дека „така сега ве признава Владата на Канада“.

Претседателот на Обединети Македонци, Драги Стојковски, му објаснил на Олифант дека Македонците потекнуваат од сите делови на Македонија, а не само од Република Македонија, па терминологијата што ја користи пратеникот не е само дискриминирачка, туку и фактички неточна. Стојковски побарал Олифант да одржи дополнителна средба со претставници на македонската заедница, но тој и неговата канцеларија го игнорираат ова барање.

Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права, пак, му опишал Олифант колку македонската заедница во Канада е згрозена од неговите ставови и оти „Македонците (во Македонија и низ светот) целосно го отфрлаат принудното менување на нивното име, идентитет и историја, како и бруталните тактики употребени против Македонците во овој процес“. Николов ја споделил и преписката со вицепремиерот Кристија Фриланд и нејзините советници за надворешни работи додека беше министер за надворешни работи.

„Свесен сум за Вашето мислење и ја прочитав Вашата забелешка до поранешната министерка за надворешни работи. Ќе продолжам да постапувам во согласност со начинот на кој нашата влада ја признава Република Македонија и да ја почитувам одлуката што ја донесе нејзиниот народ во врска со името кое си го одбра“, му одговорил Олифант.