Здружението на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот терор изрази разочараност од игнорантскиот однос од Владата и од Министерството за надворешни работи на Македонија во спорот пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„На седницата одржана на 28 мај 2020 година во Стразбур Судот за човекови права констатира дека Владата на РС Македонија е известена за случајот, во согласност со член 36 параграф 1 од Конвенцијата, за да интервенираат (да учествуваат во спорот и да штитат) во постапките (процесот) поради фактот дека поднесувачот на жалбата (Стојан Герасимов Василев) има државјанство и на РС Македонија. Но, за жал, Владата на РС Македонија (и МНР) пројави молчалива воздржаност и не пројави никакви дејства за заштита на правата на своите граѓани што живеат во Бугарија, што ѝ е должност според меѓународното право, како и нејзина обврска согласно член 11 точка 4 од Договорот за добрососедство потпишан меѓу Р. Македонија и Р. Бугарија. Што е уште едно разочарување за Македонците во Бугарија.
Ни останува само да изразиме голема благодарност и почит кон бугарскиот Хелсиншки комитет за човекови права, кој досега е единствениот бранител на правата на Македонците во Бугарија“, се вели во реакцијата на Здружението што го доби спорот во Стразбур против бугарската држава.
Окружниот суд во Благоевград и Апелацискиот суд во Софија одбиваа да го регистрираат со образложение дека „членовите на Здружението постојано напомнуваат дека во Бугарија постоел потиснат македонски етнос и повикуваат на т.н. македонска кауза“. Но, Судот за човекови права во Стразбур ја прифати жалбата на Здружението и констатира дека Бугарија ги нарушила утврдените основни човечки права според Европската конвенција.







