Во вторник, 10 август, во Австралија ќе биде спроведен редовниот попис на населението и домаќинствата, па македонската заедница на петтиот континент се мобилизира за што помасовно пребројување на Македонците, делејќи им низа совети како да одговорат на пописните прашања.
Австралиско-македонскиот совет на Нов Јужен Велс ги советува сонародниците да потврдат дека имаат македонско потекло така што, на пример, на прашањето „дали дома зборувате друг јазик освен англискиот“, да изберат „друго“ (other) и да напишат „македонски“ (Macedonian).
На прашањето „која е Вашата религија“ повторно треба да изберат „друго“ (other) и да одговорат „македонска православна“ (Macedonian Orthodox), а на прашањето „во која земја сте родени“ во графата „друго“ (other) да напишат „Македонија“. (Macedonia).
Конечно, на прашањето „кое е Вашето етничко потекло“, на Македонците од Австралија им се советува да одберат „друго“ (other) и да напишат „Македонци“ (Macedonian).
На последниот попис во Австралија како Македонци се изјасниле 98.570 лица.






