Македонското друштво „Илинден“ – Тирана во име на Македонците во Република Албанија, најостро го осудува ставот на Бугарската академија на науките, дека „македонскиот јазик не постои” и дека „македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик”, наспроти Повелбата за македонскиот јазик на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од 3 декември годинав.
Во реакцијата се вели дека Бугарија со „своите барања, потврдува дека воопшто не го заслужува местото во Европската Унија на која и нанесува непотребен срам“.
„Однесувањето на Софија кон Македонците е доказ за шовинистичкото однесување на бугарската политика од времето на Санстефанска Бугарија од 1878 година. Иронијата да биде поголема, денес Софија „се бори” против руското влијание во Бугарија, заборавајќи дека и државата Бугарија и „Санстефанска Бугарија” се производ на Руската Федерација, се додава во реакцијата на друштвото.
За обидите на официјална Софија „да бара Бугари онаму каде што никогаш немало“ се вели дека „ и нема да има, а тоа се областите каде што концентрацијата на Македонците во Албанија е најголема“.
„Во Албанија, ниту имало, ниту има Бугари, туку само Македонци. Македонците во Албанија отсекогаш биле Македонци. Македонците во Албанија никогаш не биле и нема да бидат Бугари, завршува реакцијата на МД „Илинден“.






