Лига на Македонци Американци (ЛОМА) ги повикува сонародниците повторно да го користат претходното знаме на Република Македонија со сонцето од Кутлеш наместо „наметнатото“ што е во употреба сега.
„Македонци, престанете да го употребувате знамето што ни го наметнаа Грција и ЕУ. Користењето на тоа знаме е признавање на БЈРМ и на позицијата на Грција. Ако сме против промена на името, против сме и наметнати знамиња исто така. Нема повеќе знаме на БЈРМ, вратете го вистинското македонско знаме! #лажно знаме“, напиша ЛОМА на својот профил на „Твитер“.
Во рамките на постот под знамето со сонцето од Кутлеш пишува: „Вистинско македонско знаме. Беше напуштено само поради тврдењата на Грција дека тоа е нејзино заедно со името Македонија. Ако ние сме вистински Македонци, тогаш треба да го користиме само македонското знаме“.
Под сегашното државно знаме, пак, стои: „Познато како ‘модерно’ македонско знаме. Беше усвоено кога Македонија се согласи да виде етикетирана како БЈРМ. Грција ни се закани за нашето име и знаме, па го сменивме. Ова знаме повеќе грчко отколку македонско и ги симболизира грчката агресија и расизам. Ова знаме не треба никогаш да се вее од вистински Македонец“.
Првото државно знаме на самостојна Република Македонија, 16-кракото сонце од Кутлеш, беше во официјална употреба до 5 октомври 1995 година, кога беше заменето со креацијата на професорот Мирослав Грчев.





