Градоначалникот на општината Овчарани (Мелити) во Грција, Панајотис Анастасиадис, испрати барања до градоначалникот на Лерин, надлежна општина за регионот Западна Македонија и до министерот за образование во кое се бара во образовните институции во општината да се воведе учење на македонски јазик.



Во писмото кое било испратено на 26 март и објавено вчера на интернет страницата на весникот на Македонците во Грција „Нова зора“, се бара сите топографски имиња на територијата на општината да бидат двојазични и сите официјални ознаки на јавните објекти да имаат написи на грчки и на македонски јазик.

Панајотис Анастасиадис

Грција, како членка на ЕУ, е потписник на Повелбата за основните права на ЕУ каде во член 21 се наведува дека земјите-членки се должни да ја заштитат јазичната разновидност и да спречат какви било дискриминаторски мерки против нив, пишува градоначалникот Анастасијадис.

„Дозволете ми, исто така, да ве потсетам дека нашата земја е потписник, но за жал се уште не ја ратификувавме, на Рамковната конвенција на Советот на Европа за регионалните и малцинските јазици. Меѓу другото, оваа конвенција предвидува признавање на овие јазици како израз на културното богатство, почитување на географската област каде што се зборува таков јазик и, особено, олеснување и поттикнување на користење на јазикот во писмена и усна форма, како во јавниот, така и во приватниот живот“, се вели во писмото.

Градоначалникот уште додава дека секојдневно добива по стотина барања на граѓани од поширокиот регион во кои се бара непречено користење на нивниот мајчин, македонски јазик во сите аспекти на јавниот живот.