Со цел да се заштитат правата на малцинствата во ЕУ, Европскиот парламент со големо мнозинство пред три дена ја изгласа Резолуцијата за малцински безбедносен пакет, иницирана по петицијата потпишана од повеќе од еден милион граѓани на земјите членки на Унијата.



На потег е Европската комисија да предложи законски акти за заштита на јазиците на малцинствата и на повеќејазичноста, кои сите земји членки на ЕУ ќе треба да ги усвојат како дел своето законодавство, откако европратениците се согласија дека земјите членки се одговорни за заштита на правата на малцинствата, но истакнаа дека очекуваат заедничка рамка на минимални стандарди на ЕУ за заштита на малцинските права.

Прашање е дали ова ќе значи било каква промн за македонското малцинство во Бугарија и Грција, две земји членки на ЕУ.

Официјално, во Грција и Бугарија нема малцинства, а забранета е и регистрацијата на политички партии или културни здруженија на Македонците.

Во договорите со Бугарија и Грција (Договорот за добрососедство и пријателство и Преспанскиот договор) Македонија практично се откажа од каква било помош и поддршка на македонското малцинство за остварување на нивното основно човеково право.