„Бугарската Амбасада во Тирана, во пресрет на новогодишните празници им дели подароци за пропагандни цели на учениците од гимназијата ’Елез Кочи‘ во Острени и училиштето ’10 покојници‘ во Требиште, во областа Голо Брдо, претставувајќи ги како бугарски ученици“, реагира Единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).



МАЕИ додава дека во областа Голо Брдо немало и нема бугарско малцинство, туку со векови тука живеат само Македонци, кои се горди на тоа.

Од партијата велат дека во меморијата на жителите на Голо Брдо, трајно се врежани бугарските злосторства за време на окупацијата на областа на Голо Брдо од страна на Бугарија во Првата светска војна.

„Елез Кочи, чие име денес го носи средното училиште во Острени, бил убиен во 1916 година од страна на бугарската војска, која жив го закопала кај реката во селото Врница во Голо Брдо“, се наведува во реакцијата.

Жителите на областа Голо Брдо, се потенцира во партиската реакција, очекуваат официјално извинување од Бугарија за злосторствата извршени за време на Првата светска војна.

„Однесувањето на бугарската Амбасада во Тирана, која ја користи сиромаштијата во областите каде што живее македонската заедница во Албанија, прикажувајќи ја како бугарска заедница, е примитивна перверзија и историско искривување на вистината“, констатира МАЕИ во реакцијата.