„Несомнено е дека ќе имаме и голема финансиска помош, ако ги направиме уставните промени и ако ги продолжиме преговорите со ЕУ. Ова е последната шанса за Македонија. Ако продолжат Мицкоски и неговите пратеници со инаетот, во следните еден до два месеца ќе нема веќе надеж за нас.“ – „порачува“ така наречениот „политички аналитичар“ Ацо Лукаровски, кој е, всушност, политички активист на СДСМ, во својата колумна со наслов „Судбината на Македонија не зависи ниту од Бугарија, ниту од Европа, туку од инаетот на Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ“. Ја објави „Фронтлајн.мк“.
Покрај другото, Лукаровски пишува: По завршување на самитот на Берлинскиот процес во Тирана работите стануваат појасни. Европа нема вечно да нè чека. Ако не тргнеме веднаш по европскиот (авто)пат, на Албанија наскоро ќе ѝ го гледаме грбот. Последниве два дена уште еднаш слушавме за огромната поддршка за продолжување на нашите преговори со ЕУ. Претседателот на Франција Макрон изјави дека немаат намера да нè остават надвор од Европа, а германскиот канцелар Шолц кажа дека Македонија треба да биде наградена.
Поддршка стигнува и од европските челници. Во континуитет имаме поддршка од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, од претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и од Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика. Силна поддршка имаме и од САД. Како никогаш во минатото. Несомнено е дека ќе имаме и голема финансиска помош за секоја стопанска гранка, ако ги направиме уставните промени и ако ги продолжиме преговорите со ЕУ.
Само со новите мерки од ИПАРД 3 програмата предвидени се вкупно 217 милиони евра за директна поддршка на нашите земјоделски производители. Со пристапот на Македонија во ЕУ ќе се овозможи пристап и до други фондови и европските пари ќе се зголемат за најмалку 10 пати. Вчера ни стигна силна поддршка и од Антонела Басани, претседателка на Светска Банка. Имаме одлична шанса за гол, во последната минута од судиското продолжение на натпреварот.





