Лукаревска се пофали дека преку Мој ДДВ на граѓаните им враќа по 4 евра месечно

Заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска во интервју за агенцијата Марили истакна дека интересот и бројот на корисници за МојДДВ, постојано расте, а со тоа расте и сумата за исплата на средства.



Лукаревска пред една недела се пофали дека за овој проект државата на граѓаните им вратила 107,5 милиони евра што звучи како голема сума но ако се подели бројката на бројот на корисници излегува дека секој корисник добива месечно во просек по 250 денари или околу 4 евра.

Со 250 денари примателите можат да купат само 4 најевтини леба, едно кило зејтин и едно кило шеќер односно не може да купи едно кило месо.

Во моментов, семејството на МојДДВ брои близу 540 илјади корисници. И таа бројка постојано се зголемува, а со тоа како поттик за сите корисници го зголемуваме и лимитот за поврат, истакна Лукаревска.

Согласно последните измени на Законското решение, нагласи Лукаревска, граѓаните кои скенираат фискални сметки во едно тромесечје може да остварат максимален износ од 2.100 денари по корисник или за цела година 8.400 денари по корисник.

Во реалноста во просек примателите добиваат годишно по околу 3000 денари односно 5400 денари помалку од тие што ги кажува Лукаревска.

Тоа се средства преку кои директно позитивно влијаеме врз семејните буџети на корисниците на апликацијата МојДДВ, истакна заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска.