Ловец на НАТО следел авион на „Ер Србија“ на руското небо, откри Вучиќ!

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека неговата земја ќе бара објаснување од НАТО зошто нивни ловец го следел авионот на „Ер Србија“ на релацијата Москва – Белград близу границата на Русија со Летонија, поради што летот доцнел три часа и 20 минути.



„Авионот за кој станува збор бил воен ловец. Најмногу потсетувал на ‘фантом 15’ или на ‘јурофајтер’ со сива боја. Очигледно, во руската воздушна зона бил некој од НАТО-авионите кој одел само еден километар под, а руската служба за следење на воздухопловите на коректен начин нè извести дека покрај нас е некој друг авион и да провериме кој е, бидејќи сега тие како ќе го гаѓаат тој авион кога горе над него се патници“, откри Вучиќ во интервју за Радиотелевизија на Србија.

Според извештајот, борбениот авион не го загрозил авионот од Србија и релативно брзо исчезнал од видокругот, додаде шефот на српската држава.

Пилотите во извештајот навеле дека се чувствуваат непријатно и оти би требало во иднина да се поведе сметка за летовите што се извршуваат со висок ризик и во воени услови.

Вучиќ порача дека Србија ќе побара информации од НАТО, но и дополнителни информации од Русија.

„Да видиме кој тоа се прави паметен со ловци да загрозува цивилно воздухопловство и да загрозува цивили на некој лет. Или можеби тоа е случајност, но би било убаво да ни го кажат тоа, бидејќи ние сега ги имаме точните координати каде се појави авионот“, додаде тој, истакнувајќи дека го зборува ова за да прикаже на какви притисоци е изложена Србија.

Српскиот национален авиопревозник, кој го наследи „ЈАТ“ и во 2013 година беше ребрендиран во „Ер Србија“, е единствената авиокомпанија во Европа што продолжи да лета за Русија по воведувањето на санкциите против неа поради воената интервенција во Украина.